Вардар пред (не)возможна мисија во реваншот со Монпелје

Ракометниот клуб Вардар 1961 ќе го дочека Монпелје во реванш дуелот од четвртфиналето на Европската лига на ЕХФ. По високиот пораз на гости од 33-23, сега пред „црвено-црните“ е (не)возможна мисија, меѓутоа од таборот на двократниот европски првак најавија борба. 

Тренерот Иван Чупиќ пред натпреварот кажа дека Вардар мора да одигра перфектен натпревар, па потоа ќе се види за што ќе биде доволно тоа. Исто така, Хрватот сподели дека во тимот ќе конкурираат двата најдобри играчи Јака Малус и Дмитро Хориха, меѓутоа двајцата се враќаат од повреда и непознато е колку и дали воопшто ќе можат да играат. Токму нивното отсуство беше најголем пех за вардарци на гостувањето кај Французите, а тоа се виде и во играта. 

Водството на Монпелје е високо, можеби и недостижно, ама Вардар не би бил Вардар ако не се обиде. Особено кога зад себе се очекува да ја има исполнетата сала, навивачката група „Комити“ и атмосфера во која паѓале и поголеми европски клубови.

Меѓусебната традиција е на страната на Вардар. Овие два клуба досега играле 12 пати меѓусебе, седум пати славеле „црвено-црните“, еднаш одиграле нерешено, а четири пати победувале Французите. Веројатно најболен е поразот од Монпелје на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите во 2018 година кога францускиот тим го запре Вардар од походот кон ново финале. Сепак, јасно е дека традиција, историјат и сè останато не игра улога, а сè треба да се освои на теренот.

Средбата во СЦ „Јане Сандански“ се игра во терминот 20:45 часот.