• Мартин Танасковски

Само еден тим е без пораз од денес во Суперлигата на Македонија. Вардар 1961 на домашен терен славеше во градското дерби со Алкалоид (34-28) и остана на перфектен скор, единаесет победи на единаесет меча во шампионатот, додека избраниците на Лазаров го доживеаја првиот пораз.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Алкалоид:
Скопското дерби беше изедначено во поголемиот дел од мечот, а до победата домашната екипа дојде со одличен втор дел во кој доби и поддршка од голманите. Во првите триесет минути, Алкалоид во игра го држеше Мартин Серафимов кој беше енигма за противничката одбрана. Чуварите на мрежите, Галевски и Кизиќ на едната и Валах и Гогов на спротивната, не понудија голем број одбрани, се играше ефикасно, на паузата беше 17-17.
Вардар и Алкалоид беа резултатски близу и понатаму, се до 22-21, кога Гогов му фати зицер на Стојковиќ, а потоа Костески ја погоди стативата, па на спротивната страна, Хориха донесе плус два за домашните (23-21). Потоа беше 24-22, а по грешка на напад на Алкалоид и одбрани на голманот, следеше казна и два брзи гола на Јанковски, за 27-24 во 45. минута. Во продолжението од мечот, Вардар поведе и со пет гола разлика затоа што Валах влезе во ритам, а Хориха на спротивната страна даваше голови, потоа беше и плус седум, на десет минути пред крајот, па практично така беше решена средбата во СЦ „Јане Сандански“.
Дмитро Хориха беше најдобар стрелец кај Вардар со девет гола, го следеа Боно и Малус со по пет гола, но голем придонес во триумфот имаше голманот Васил Гогов со осум одбрани. Кај Алкалоид, Мартин Серафимов погоди девет пати, додека Марко Стојковиќ и Ненад Костески дадоа по четири гола.










