Вардар по одмазда кај ПИК Сегед, за престиж и подобар пласман во ЛШ

Ракометарите на Вардар ќе гостуваат кај ПИК Сегед, во реванш дуелот од групната фаза во Лигата на шампионите. Откако загубија на претходниот меч во Скопје од денешниот ривал (28-26), сега пред момците на Алушовски е шанса за одмазда. 

Во СЦ „Јане Сандански“ македонскиот претставник беше одличен се до финишот, имаше предност и го контролираше резултатот, но брзоплетост во нападите, техничките грешки и нереализираните седмерци беа клучни, па ПИК Сегед прв пат ја „освои“ арената во скопски Аеродром. Иако на ова гостување нема да можат да сметаат на искуството на Борко Ристовски и Марко Вујин, вардарци мора да се борат против ривалот. 

Сега, Вардар без дополнителен притисок гостува кај добро познатиот ривал, потценет во аутсајдерска улога. Нема потреба да се нагласи што Вардар знаел да покаже токму од оваа улога, кога е „ранет“ во минатото забележал неверојатни успеси и резултати, а можеби мечот во Сегед ќе биде пресвртница во сезоната. „Црвено-црните“ имаат само еден триумф во Лигата на шампионите, едно реми со Порто и дури пет порази, од кои четири се последователни во низа.

Сезоната е во најделикатната фаза, многу натпревари се насобраа овој февруари, а во наредните седум дена Вардар ќе одигра три натпревари, од кои два во Скопје со Елверум. Можеби тука е шансата за избраниците на Стевче Алушовски, со успешни резултати да го избегнат последното место во групата, бидејќи пласман во нокаут фазата секако имаат загарантирана. Сега е прашањето на кое место ќе завршат во групата А, па соодветно на тоа ќе добијат ривал од групата Б, каде лидери се Барселона и Веспрем. 

Натпреварот во „Сент Гелерт Форум“ против ПИК Сегед е закажан за денес со почеток од 18:45 часот.