• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 го победија Тулуз со 37-35 (16-18) и од првото место се пласираа во главната фаза на Европската лига на ЕХФ. Средбата во СЦ „Јане Сандански“ понуди доста борба, тренерот на двократниот европски првак комбинираше со составот и Французите водеа на паузата. Сепак, вардарци се консолидираа во финишот и стигнаа до петтата победа во натпреварувањето.
Во првата вардарова акција реализира Дмитро Хориха, а потоа во следната Урош Митровиќ го промаши голот. Го искористија тоа и првпат поведоа, па за вардарци погодуваа Митровиќ и Виктор Јанковски (4-4). Искористија „црвено-црните“ грешка и во контра поведоа пак преку Јака Малус со 5-4, а потоа и со голот на Јанковски за 5-6. На тоа врзаа две нереализирани акции преку Хориха и Малус кој направи пробивање, па ривалот преку Ниембо и Илиќ пак поведе (6-7). Иако Боно врза три технички грешки, Вардар успеа да направи пресврт преку Митровиќ и Ќосевски по двете одбрани на Васил Гогов. Во следните минути Вардарци одржуваа минимална предност, погодуваа Ќосевски, Хориха, Анастасовски, Митровиќ, Кавада... Иако имаше доста грешки на двете страни, се играше ефикасно прво полувреме. Откако три гола врза Марек Марчињак за 16-15, до крајот на првиот дел Тулуз направи серија од 0-3. Вардар беше без постигнат гол речиси шест минути, па на одмор замина со негатива од 16-18.
Вториот дел тргна ефикасно и во првите две минути паднаа по два гола на двете страни. По реализациите на Хориха и Малус, гостите поведоа со 18-21 по тешкиот гол на Гируде. Сепак, Вардар успеа да се консолидира, пак погодуваше истата двојка, а потоа и Урош Митровиќ (21-22). Иако судиите имаа чуден критериум во овие минути, со цврста одбрана домашните успеаја до израмнување со голот на Хориха, па во транзиција трипати стрела Малус за 25-23. Успеа македонскиот претставник да се одржува во позитива и покрај неколкуте промашувања и технички грешки. Погодуваа Борозан, Хориха, Малус, Кавада и Пинто (30-28). Врза потоа Вардар две одбранети акции на ривалот, па преку Марчињак и Малус се одлепи на 32-29. Успеа гостинот да пријде на 33-31, ама тогаш се разработе вардаровата напаѓачка машина потпомогната со цврстата одбрана. Со три брзи гола преку Кавада, Пинто и Анастасовски домашниот состав го направи клучниот исчекор кон победата и поведе со 36-31, па потоа рутински го приведе мечот кон крајот.
Јака Малус беше прво име во победата на Вардар бидејќи блесна со девет реализации, а одличен беше и Дмитро Хориха кој даде осум. Голманот Васил Гогов беше „двоцифрен“ бидејќи забележа дванаесет интервенции.
ФОТО: РК Вардар 1961



