Вардар пак немоќен против ПИК Сегед, за петти пораз во ЛШ!

Ракометарите на Вардар 1961 го запишаа и петтиот пораз во низа во Лигата на шампионите, откако во СЦ „Јане Сандански“ загубија од ПИК Сегед со 27-30 (9-16). Унгарците одиграа одличен натпревар, со исклучок на првиот гол константно водеа и заслужено прокнижија нови два бода. Избраниците на Вујо беа во минус, фатија резултатски приклучок во вториот дел, но останаа без сили и на крајот загубија. 

Пресметката во Скопје започна подобро за гостинската екипа. ПИК Сегед ги користеше сите празнини во одбраната на вардарци за да дојде до максимум од ситуациите, отвори со одлична серија од 5-1 иако меѓу стативите расположен беше голманот Мартин Томовски. На спротивната страна неколкуте техничи грешки и неискористени чисти шанси го натераа Веселин Вујовиќ рано да побара тајм-аут. 

Сепак, ниту тоа не вроди со плод. Наместо воиграна акција и сигурна реализација, Вардар испушти уште три напади и не го искористи играчот повеќе на теренот, па гостите поведоа уште поубедливо со 8-1. Томовски имаше свои минути, скроти уште четири удари кон голот и беше најсветла точка во „црвено-црниот“ табор, па домаќинот колку-толку фати приклучок.

Конечно, и играта во нападот тргна на подобро. Вардарци комбинираа и изнудија два пенали кои ги реализираше Тимур Дибиров, па пријдоа на 9-5. Иако унгарскиот состав не запре во нападот, погодуваше и одржуваше предност, сепак играта на Вардар беше подобрена, предводени од расположениот Русин. На паузата ПИК Сегед замина со убедливо водство од седум погодоци (9-16). Во редовите на Вардар добро полувреме имаше Дибиров со четири гола и Томовски со четири интервенции.

Вториот дел во Аеродром започна навистина цврсто, со две исклучувања од самиот старт и само еден гол за првите четири ипол минути. Одличната атмосфера ги натера Унгарците на неколку грешки, а Талески и Њокас, по два одбранети зицери на Томовски го вратија Вардар во игра. Вујовиќ се реши за варијанта „седум на шест“, а тоа вроди со плод и неговите избраници фатија резултатски приклучок (15-18). 

ПИК Сегед одлично се носеше со притисокот од атмосферата на трибините и на теренот, ја одржуваше позитивата и не му дозволуваше на Вардар целосно да се врати во натпреварот. Најчесто „црвено-црните“ губеа со по четири и пет гола негатива, со кои влегоа во завршните десет минути од средбата. Бековите на унгарскиот состав се разиграа кога беше најмалку потребно, најдоа решение за цврстата одбрана на Вардар и со шутеви од далечина само си ја потврдија победата во Скопје. Домашните ракометари немаа сили за изненадување и го запишаа петтиот пораз во елитното друштво. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Марио Соштариќ со седум реализации, додека кај Вардар по пет дадоа Дибиров и Гаџа. Одличен меѓу стативите беше Роланд Миклер со девет скротени удари, додека Томовски го заврши дуелот со пет.