Вардар пак ја освои Автокоманда и остана сигурен во битката за титула

Екипата на Вардар 1961 успешно го отвори плеј-офот. Лидерот на табелата во Суперлигата славеше на гостувањето кај Алкалоид во Автокоманда (32-33) и вторпат во краток временски интервал Иван Чупиќ успеа да го надмудри Кирил Лазаров.

  • Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Вардар 1961:

Вардарци победија за крај на регуларниот дел кај овој ривал, а сега го отворија и разигрувањето за титула и за Европа во ист стил. Дуелот беше вистинско дерби, а го одлучи еден блесок во второто полувреме на вардарци, кои и претходно влегуваа во серии, ама Алкалоид секогаш се враќаше од минусот и внесуваше доза неизвесност.

Лазаров и Чупиќ повторно ги имаа добро спремно актерите на овој натпревар, па Алкалоид и Вардар 1961 понудија уште едно вистинско дерби. Првиот дел беше една рововска битка, во која двете страни си го предаваа водството и немаа повеќе од еден гол позитива. Сепак, Вардар 1961 прв зададе удар пред паузата, кога ги казни грешките на Алкалоид во нападот, па се одлепи на највисоките 15-19. Тоа беше знак за пауза на Лазаров, по што пристигнаа два гола на „сините“ за 17-19 на паузата.

На стартот на вториот дел, Алкалоид влезе во проблеми со фаулите, направи два седмерци, а тоа Вардар го искористи. Гостите во Автокоманда пак успеаја да избегаат на плус четири (19-23), но Борзаш и Костески го вратија Алкалоид на минус два (22-24), потоа следеше и пенал за минус од еден гол кој Костески го реализира за 24-25, тоа беше во 45. минута од дуелот. Потоа беше и 26-27, а откако Вардар погоди за 26-28, Валах ја забележа осмата интервенција, а Хориха од позиција на пивот пак врати високи плус три (26-29) и тука мечот како да веќе беше готов. На нешто повеќе од минута пред крајот, Алкалоид можеше пак да внесе неизвесност, но Валах го прочита шутот на Тордарсон.

Најдобар кај Вардар беше Вукашин Воркапиќ со десет гола, го следеа Дмитро Хориха и Франциско Да Силва со по шест гола, а голманот Милош Валах фати девет топки. Кај Алкалоид, Никола Костески имаше 7/7, пред Марко Митев, Марко Стојковиќ и Урош Борзаш со по пет гола.