Вардар падна во вториот дел и загуби од Порто во Скопје!

Ракометарите на Вардар 1961 го претрпеа вториот пораз во Европската лига на ЕХФ, а прв дома од екипата на Порто со 22-26 (12-10). Средбата во СЦ „Јане Сандански“ понуди многу борба и дуели, но за жал македонскиот вицепрвак забележа прв домашен неуспех. 

Средбата тргна со две вардарови грешки во нападот, но ниту ривалот не реализира два напади на спротивната страна, од кои едниот заврши со одбранет зицер на Еспиња. Првиот гол на мечот падна по три минути игра преку Георгиевски од крило. Реализираа гостите двапати од пенал, а потоа голманот Маркес им фати зицери на Лазаревски и Борозан. Продолжија грешките во нападите, а во дефанзиве Недановски се обиде со фластер на Силва, но Порто првпат поведе со два разлика (3-5). Стигнаа гостите и на 3-6, а тогаш домашниот тренер свика тајм-аут.

Одморот вроди со плод, па врзаа вардарци голови на Срдановиќ, Георгиевски, Родригез и Коиј за пресврт (7-6). Искористи Порто период со играч повеќе и пак презеде водство. Во периодот од 20. до 25. минута имаше доста грешки и недостиг на голови, а минута одмор свика и тренерот на гостите. По неколку промашени напади израмнување донесе Крсманчиќ (10-10). Грешки врза и Порто со неколку промашени напади, а потоа Вардар во финишот со головите на Родригез дојде до 12-10.

На стартот на продолжението Вардар имаше проблем со реализацијата и на прв гол се чекаше полни пет минути. Се играше многу борбено и израмнето, македонскиот вицепрвак бранеше минимално водство. По десет минути игра во вториот дел Порто израмни (15-15) преку гол со „цепелин“. Недановски се реши да подели совети на тајм-аут, а по него следеше нова грешка и Порто поведе првпат во вториот дел (16-17). Продолжија проблемите во нападот, а се разбрани и голманот Маркес. Заигра Порто „седум на шест“ и тоа резултира со два врзани гола за 17-20. Се обиде Недановски со замени да ја размрда бековската линија, имаше македонскиот тим два напади за „минус еден“, но не ги реализира.

Голманот Рема Маркес бранеше сè што можеше, но и покрај тоа вардарци со човек помалку дојдоа на 20-22 на три минути до крајот. По долг и пасивен напад Валдес даде многу важен гол за Порто, но Лазаревски ги одржа домашните во игра (21-23). Реализираа гостите од пенал, па зачекорија кон многу важната победа во групата. 

Со по седум гола најефикасни беа Диого Мартинс и Мамаду Сумаре, додека кај Вардар се истакна Хансер Родригез со четири. Вистинска разлика се виде меѓу стативите, бидејќи Маркес од Порто фати 14 топки, а Мигел Еспиња само пет. 

Фото: Денис Дуковски / РК Вардар 1961