Вардар падна по тешка битка, ПИК Сегед првпат победи во Скопје

Македонскиот ракометен првак Вардар се врати на обврските во Лигата на шампионите и по тешка битка доживеа пораз од ПИК Сегед (26-28) во првиот меѓусебен натпревар на овие два тима во новата сезона од најелитното натпреварување на ЕХФ.

„Црвено-црните“ константно водеа со два до три гола пред крајот на првиот дел и на почетокот на второто, ама со една серија 1-5, гостинот од Сегедин се врати, па се играше неизвесно во последните дваесетина минути. Во клучните моменти, затаи реализацијата на Вардар, па ПИК Сегед во самиот финиш со два важни гола на пивотот Банхиди дојде до полн плен и ги казни грешките на избраниците на Алушовски. За унгарскиот тим ова беше прва победа во Скопје, по шест одиграни натпревари со „црвено-црните“ во историјата.

Унгарскиот вицепрвак беше подобар на стартот на натпреварот, имаше предност од три гола (4-7) во еден наврат, пред се поради грешките кои Вардар ги направи во нападот, но по совети од Стевче Алушовски, домаќинот влезе во ритам, па преку Дибиров, Дисингер и Јотиќ се изедначи на 7-7.

Двата тима беа изедначени се до 12-12, кога Вардар влезе во добар ритам. Одбраната функционираше на ниво, со притисок се исфорсираа неколку шутеви на ПИК Сегед кои завршија надвор од голот на Ристовски, па следеа три гола во серија, за предност од 15-12, позитива која се задржа до паузата (15-13). Вардар имаше прво полувреме со десеткувана бековска линија, затоа што Вујин и Шеваљевиќ воопшто не влегоа да играат. Товарот го носеа Јотиќ и Дисингер, а им помагаше Чупиќ. Одличен беше и Дибиров, со пет гола.

ПИК Сегед во вториот дел направи и голманска промена, му даде шанса на Алиловиќ, па влезе во еден добар ритам. Во четири минути, гостинот од Унгарија даде три гола во серија, па од 20-17 за Вардар, се дојде на 20-20, на 16 минути пред финишот. Се играше гол за гол и понатаму, а Алушовски мораше да менува, затоа што Стоилов побара одмор, а на негово место влезе Валчак кој покажа дека има квалитет и постигна три гола во важен момент (24-24).

Во последните три минути се влезе со предност на ПИК Сегед (25-26), а одбраната 6-0 добро ги чуваше вардаровите играчи далеку од голот, плус Стоилов беше затворен. Чупиќ се обиде да реализира, но Алиловиќ одбрани, На спротивната страна, Ристовски возврати со шеста одбрана, ама повторно немаше реализација. Банхиди од пивотменската позиција потоа погоди за 25-27. Вардар потоа имаше еден гол негатива па Чупиќ промаши пенал, а ПИК Сегед тераше напад до пасивна и Пастор повика тајм-аут, за по четири додавања пак да погоди Банхиди, за победа на гостинот.

Дибиров и Јотиќ беа најдобри кај Вардар со по шест постигнати гола, додека кај ПИК Сегед, клучниот стрелец Банхиди имаше шест гола, заедно со Радивојевиќ, исто така со шест постигнати гола.

Вардар има седум одиграни меча во Лигата на шампионите, а ова беше петти пораз во новата сезона и тимот е на последното место. Следен меч за избраниците на Стевче Алушовски ќе биде воедно шанса за реванш, затоа што се гостува кај ПИК Сегед во Унгарија (18 февруари).