• Мартин Танасковски

Македонскиот тим Вардар 1961 ги заврши настапите во Европската лига на ЕХФ во квалификациите. „Црвено-црните“ вторпат загубија од Рајн Некар Левен (37-33) во циклусот и застанаа пред групната фаза на натпреварувањето.
Уште еднаш Вардар покажа добра игра, ама немаше сила и квалитет да го изненадат бундеслигашот кој беше жеден за одмазда поради претходните порази од најтрофејниот македонски клуб, додека играше во Лигата на шампионите. Поразот на Вардар во Германија беше пристоен, а тимот на Недановски демонстрира игра која ветува.
На стартот на натпреварот вардарци беа водени на „македонски погон“. Георгиевски, Јагуриновски и Лазаревски беа главни кај стрелците, а Вардар 1961 имаше предност од 6-8. Сепак, со два гола на Захаријас, Рајн Некар Левен израмни на 8-8, потоа двапати погоди и Гроецки за 10-8, па македонскиот тим беше ставен во позиција да брка резултат.
До паузата „црвено-црните“ успеаја да се вратат, резултатот беше 17-17, а во вториот дел резултатот на двата тима цело време беше близу. „Лавовите“ од Манхајм константно ја имаа предноста на мечот, водеа еден до два гола, а во последните десет минути, од 30-28, РНЛ ги искористи двете технички грешки на Јагуриновски во нападите, па преку Андерсен се одлепи на 32-28, што значеше и крај за Вардар.
Тројца играчи кај Рајн Некар Левен завршија со по седум постигнати гола, тоа беа Колбахер, Захаријас и Андерсен, додека кај Вардар, Лазаревски имаше седум од седум, а Јагуриновски и Петриќ стрелаа по шест пати.