• Иван Димовски

Двократниот европски првак Вардар 1961 го победија Монпелје со 27-24 (17-12), меѓутоа не успеа да ја анулира негативата од Франција и беа елиминирани во четвртфиналето на Европската лига на ЕХФ. Скопскиот тим одигра одличен натпревар во кој стигна седум од десетте негатива со кои тргна во СЦ „Јане Сандански“, ама ривалот одолеа и не дозволи изненадување.
Од стартот во Скопје се наметна голманот Валах кој фати пет шута на ривалот, од кои имаше една двојна интервенција. Со двата гола на Хориха и еден на Малус вардарци водеа со 3-2 по шест минути игра. Откако Да Силва не реализира напад за „плус два“, тоа му успеа на Малус (4-2). За гостите во контра погоди Ришер, а потоа два гола врзаа Воркапиќ и Митровиќ. Доби Монпелје седмерец кој го реализира Вилемино, па за 7-4 реализира Лазаревски. Следуваа два гола за госите од седум метри, додека за вардарци реализираа Лазаревски и Митровиќ (9-6). Со одлична финта за четири разлика првпат реализира Да Силва, а потоа два погодоци врза Воркапиќ за дотогаш максимални 12-7. Следуваше драматичен момент во кој Митровиќ стартува грубо врз Порт, го раскрваре и доби црвен картон. Монпелје го искористи моментумот, па ја намали негативата на 13-10. Успеа Вардар да го врати моментумот, погодија Тузолана и Малус и пак беше „плус четири“ (15-11). Иако гостите реализираа преку Дос Сантос, до крајот на полувремето тимот на Иван Чупиќ реализира преку Лазаревски, па Гогов му фати пенал на Вилемино, а потоа Малус погоди за 17-12 на полувремето.
Во вториот дел Вардар тргна со напад и преку Хориха стигна до 18-12, а потоа за 19-13 реализира и Малус. Погоди и Да Силва, а потоа следуваа неколку нереализирани напади на двете страни при резултат 20-14. По десеттата интервенција на Валах, на спротивната страна изборениот пенал го реализира Воркапиќ за „плус седум“, задржувајќи го ривалот на два гола во десет минути игра.
Откако лесно реализира Кеита, следуваше серија грешки на вардарци која ривалот ја казни и се врати до 22-18. Успеаја вардарци пак да се вратат на „плус шест“ и покрај тоа што Малус беше исклучен (25-19), гостинот одговори со два гола преку Симоне и голманот Десбоне во празна мрежа намали на 25-21. На крајот кога вардарци ги потрошија силите, Французите ја намалија негативата за прифатлив пораз.
Јака Малус со шест гола беше најефикасен играч на средбата, додека по четири во Вардар дадоа Воркапиќ, Хориха и Да Силва, додека блескава партија имаше голманот Милош Валах со 18 интервенции. Кај Монпелје се истакнаа Вилемино, Ришер и Плантан со по пет гола, а Реми Десбоне им фати 15 шута на вардарци.





