• Горан Упале
Македонскиот ракометен вицешампион, Вардар 1961 и официјално ќе игра во групната фаза во новата сезона на Европската лига на ЕХФ.
Ова денес го потврди Европската куќа на ракометот, а нашиот тим своите ривали во групата ќе ги дознае на 19 јули, за кога е закажана ждрепката за групната фаза. Вардар 1961, кој ќе одигра најмалку шест меѓународни натпревари, е сместен во вториот шешир. Заедно со Вардар 1961 во улога на неносители се Горњик Забже, Констанца, Горење, Хафнарфјордур, Татран Прешов, Татабања и Кил.
Во првиот шешир се Нексе Нашице, Флензбург, Монпелје, Савехоф, Кадетен Шафхаузен, ГОГ Гудме, Бидасо Ирун и Порто.
Вардарци и минатата сезона беа дел од Европската лига, но тогаш не успеаја да ги минат квалификациите и беа елиминирани од германскиот гигант Рајн Некар Левен
Покрај Вардар 1961, на европската ракометна сцена во новата сезона ќе се претстават уште и Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, додека во ЕХФ Купот ќе настапат Тиквеш, Охрид и Алкалоид.