• Мартин Танасковски
Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 е вториот клуб од нашата земја кој обезбеди пласман на Ф4-турнирот во СЕХА-лигата. Со победа кај Војводина во Нови Сад (26-32) избраниците на Владо Недановски дојдоа до место на завршницата каде ќе го ловат шестиот трофеј.
Петкратниот СЕХА-првак тргна проблематично со ривалот од Нови Сад кој и на овој натпревар беше подмладен, но потоа искуството си го стори своето. Имаа „црвено-црните“ отворање со негатива од 6-1, на полувремето беше 15-11 за ривалот, ама во вториот дел, се разиграа Талески, Георгиевски и Чувара и мечот се сврти.
Вардар ја продолжи традицијата да игра на завршните турнири во регионалното натпреварување, само еднаш не беше на Ф4, кога го исфрлија неправедно по административен пат. Најдобар стрелец кај победникот беше Гоце Георгиевски со десет гола од десет обида, пред Чувара со седум, а Талески даде шест гола, додека кај Војводина, Симо Шијан имаше девет гола.
Покрај Вардар, на Ф4-турнирот е уште Еурофарм Пелистер, а се чека на заверка на местото од страна на српски Партизан, како и подобриот од двомечот меѓу Нексе од Нашице и хрватскиот првак ППД Загреб.