Вардар немаше сила за повеќе против Монпелје, чека на ПИК Сегед или ПСЖ

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар со пораз од Монпелје (27-31) ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите и во осминафиналето патува од шестата позиција на табелата.

„Црвено-црните“ можеа да се носат едно полувреме со противникот, но краткиот ростер го направи своето. Тешко беше да се игра меч од Лигата на шампионите од таков висок ритам со само осум искусни ракометари, а Монпелје имаше долга клупа и го користеше уморот на Вардар, посебно во вториот дел од второто полувреме. Вардар во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе игра против ПИК Сегед или ПСЖ, а противникот ќе биде допрва познат.

Избраниците на Алушовски го почнаа натпреварот според планот. Со единствената одбрана која можеа да ја играат, 5-1, добро го сопреа нападот на Монпелје и со голови на Стоилов се дојде до предност (2-0). Гостинот од Франција седум минути немаше гол, а Вардар беше тимот што диктираше. Беше 5-1 за Вардар, потоа и 6-3, но следеше пад на ефикасноста кај домашните. Кизиќ беше на висината на задачата, беше најдобар поединец во тимот, но залудно.

Двата тима си го предаваа константно водството, а Вардар бележеше поголеми падови и дозволуваше Монпелје да дава два до три гола во серија. Гостите првата поосетна предност ја имаа кога беше 8-10, позитива која ја задржаа и до паузата (13-14), а потоа францускиот тим ја почна доминацијата која го вивна до посакувана победа.

На стартот на второто полувреме Ричардсон влезе во ритам и постигна два гола (13-16), па му даде крилја на Монпелје во натпреварот. Вардар константно бркаше, на петнаесет минути пред крајот на семафорот во „Јане Сандански“ стоеше 21-23 за гостите, потоа беше и 23-25, а откако Алушовски мораше да користи тактика „седум на шест“ за да се врати во мечот поради исклучување, Монпелје постигна уште два погодока на празна мрежа (23-27) и си донесе не премногу тензични последни десет минути.

На пет минути пред финишот Вардар дојде на два гола негатива (26-28), Монпелје промаши, следеше гол на Горбок за „минус еден“ (27-28), но до крајот гостите не дозволија сензационален кам-бек на вардарци.

Најдобар кај победникот беше Дескат со осум гола, а Ричардсон постигна пет, додека кај Вардар, Стоилов го одигра најдобриот натпревар со седум гола, Горбок имаше шест, а Чупиќ заврши со пет, додека кај голманите Кизиќ имаше девет одбрани.