Вардар нема што да загуби на реваншот со Рајн Некар во Германија

Ракометарите на Вардар 1961 му гостуваат на германскиот гигант Рајн Некар Левен во реванш баражот за пласман во Европската лига на ЕХФ. „Црвено-црните“ немаа среќа на ждрепката и налетаа на најтешкиот можен ривал, па пласманот во групите беше навистина тешка мисија.

Тоа добро се покажа во првиот натпревар, иако вардарци парираа во првиот дел. Поквалитетната и подолга ротација на Германците пресуди, нашиот најтрофеен тим почна да паѓа во вториот дел и тоа значеше на крајот убедлив пораз со дури девет гола разлика. Владо Недановски нагласи дека натпреварите треба да се искористат за собирање искуство, па тоа мора да се направи. 

Реваншот во Германија ќе биде навистина тежок, но веројатно Рајн Некар ќе биде за нијанса поопуштен. Вардар секако нема што да загуби, иако има висока негатива од девет гола, треба да излезе на терен и да се надигрува. Во Скопје македонскиот тим покажа дека може да парира кога не греши, па останува да видиме дали може да направи изненадување во Германија. 

Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Вардар се игра во непопуларен термин од 16:00 часот.