• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар Неготино се пласираа во финалето на четвртфиналните групи во Купот на Македонија, откако го совладаа тимот на Прилеп со 28-29 (10-16). Пресметката која се одигра во салата „Автокоманда“ во Скопје понуди две поинакви полувремиња, во кои неготинчани беа подобри на стартот, а потоа противникот се консолидира, ама пак загуби.
Прилепчани беа подобри само во воведните минути, пред ривалот да се крене и да направи предност. До полувремето Вардар Неготино успеа да се одлепи и на одмор замина со највисокото водство на мечот од шест гола (10-16).
Во продолжението уште некое време тимот од Неготино диктираше темпо, но потоа почна да паѓа. Со сигурна игра и без брзање, Прилеп целосно се врати во натпреварот, во финишот дојде и до егал, меѓутоа загуби минимално и претрпе елиминација.
Лазар Адамовиќ кај неготинчани имаше неверојатен натпревар со дванаесет погодоци, додека кај Прилеп најдобар со шест беше Давор Шокоски. Утре во финалето на четвртфиналната група Вардар Неготино ќе се сретне со подобриот од дуелот Бутел Скопје - Алкалоид.