Вардар Неготино пружи отпор, ама Прилеп впиша втора победа

Ракометарите на Прилеп се вратија на победите во групата Б на Суперлигата, откако на свој терен го совладаа Вардар Неготино со 30-22 (14-14). Потешко од очекуваното момците на Божидар Мојсов дојдоа до триумф и трите бода во дуелот со неготинчани кои пружија сериозен отпор.

  • Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Вардар Неготино:

Дуелот тргна со одлична игра на домаќините, па бргу на семафорот стоеше предност од четири гола (5-1). Сепак, вардарци успеаја да се консолидираат и да фатат приклучок, па дојдоа и до егал (9-9). До полувремето се играше гол за гол, домаќините беа во предност, а гостите бркаа резултат, но на одмор се замина со нерешени 14-14. 

Вториот дел тргна со слично темпо, повторно Прилеп беше тимот кој диктираше темпо. Ритамот на Вардар Неготино падна во пресрет на последните десетина минути. Тогаш прилепчани пак изградија предност, се одлепија и зачекорија кон мирна завршница. Предноста достигна и максимални плус осум, за убедлив триумф на момците на Мојсов. 

Најефикасниот играч на средбата доаѓаше од Вардар Неготино, а тоа беше Лазар Адамовиќ кој даде 11 гола. Во победничкиот табор пак, со седум се истакна Денис Шабановиќ, а шест даде Рајатовски.