Вардар не виде мака со Скопје и оди во атак на титулата во Купот

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 е третиот патник на завршницата од Купот на Македонија. Со доминантна победа над Скопје 2020 (37-24) „црвено-црните“ се пласираа меѓу најдобрите четири каде атакуваат на титулата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Скопје 2020:

Бранителот на двојната круна на домашната сцена не виде мака со ривалот. Иако во комбиниран состав, Вардар победи доминантно. Владо Недановски ги разигра сите ракометари, а во вториот дел шанса им даде повеќе на оние кои се во втор план на важните натпревари на домашната сцена и во СЕХА.

Разликата меѓу двата тима беше евидентна уште во првото полувреме, кога Вардар предводен од полското крило Јан Чувара успеа од 6-5 да се одлепи на 14-7. Високиот плус на контото на фаворитот остана и на паузата (19-12), а во вториот дел во еден момент Вардар поведе и двоцифрено против инфериорниот ривал (25-15) и веќе беше готово.

Најдобар стрелец кај Вардар беше Чувара со девет гола, го следеше Марко Мишевски со осум гола, додека на делба на третото место беа Јагуриновски и Аларов со по четири гола. Кај Скопје, Андреј Митиќ даде шест гола.

Покрај Вардар 1961, на завршницата се пласираа и Еурофарм Пелистер и Пролет. Последниот патник ќе го даде дуелот Алкалоид - Вардар Неготино.