• Мартин Танасковски
Женскиот ракометен клуб Вардар и понатаму има значајно место во историјата на женската ракометна Лига на шампионите, потврдувајќи го својот статус како еден од најуспешните европски клубови во модерната ера на натпреварувањето.
Според официјалната статистика на ЕХФ, Вардар се наоѓа на делба на второто место според бројот на настапи на завршниот Ф4-турнир во Лигата на шампионите. Македонскиот гигант има пет учества на фајнал-фор турнирот, исто колку и француски Мец. Пред нив е само унгарскиот Ѓер, кој е апсолутен рекордер со 11 настапи на завршницата на најелитното европско клупско натпреварување. Зад Вардар и Мец следуваат ЧСМ Букурешт, Будуќност, Есбјерг и Виперс со по четири учества, додека Ференцварош и Брест имаат по два настапи.
Во периодот од 2013 до 2018 година, Вардар беше редовен учесник на фајнал-фор турнирите во Будимпешта и важеше за еден од најсилните тимови во Европа. Македонскиот клуб двапати стигна до големото финале, но во двата наврати остана без шампионскиот трофеј по драматични завршници.
Иако повеќе не е дел од европскиот врв како во своите најславни години, Вардар и понатаму останува запишан меѓу најуспешните клубови во историјата на завршниот турнир на Лигата на шампионите, со пет медали во низа на Ф4-турнирите во пет учества, два сребрени со тесни порази од Ѓер и три бронзени. Единствен европски првак од Македонија во ЛШ е Кометал ЃП во 2002 година.
Оваа година за европската круна ќе се борат Мец (Франција) и ЧСМ Букурешт (Романија) кои играат во едното полуфинале, односно Брест (Франција) и Ѓер (Унгарија) кои се во второто полуфинале. Натпреварите се закажани во сабота од 15:00 и 18:00 часот, финалето и мечот за третото место се ден подоцна.



