Вардар најмногу менуваше во Европа – реално ли е четвртфиналето на Михајловски?

Кога објави дека ќе го преземе Вардар од Сергеј Самсоненко, новиот претседетел Михајло Михајловски како клупски цели си зацрта: четвртфинале на Лигата на шампиони и борба за домашните и регионалните титули. Како изгледа вардаровата цел денес кога ростерот е скоро затворен и групата на Лигата на шампионите позната?

Се чека потврда за трансферот на Ловро Јотиќ, кој по завршувањето на летниот одмор, треба да стави потпис на договор со вардарци, и преодниот рок ќе биде завршен. Ако се споредува ростерот со кој Вардар ја заврши минатата сезона, овој делува посилно и со повеќе опции. Но, дали е посилен и од оној со кој Писонеро ја почна минатата сезона, со Кристопанс, Скубе, Толедо и Атман е прашање на кое тешко може да се даде одговор среде лето. Вардар има најизменет ростер од сите осум екипи во групата и скоро нов тренер, ако се знае дека Алушовски само неколку натпревари го водеше тимот во прекинатата сезона. Сепак, иако е млад, Алушовски е искусен, го знае амбиентот и претседателот, а и сезоната со Еурофарм Работник многу му помогна околу европското искуство, квалитетот на екипите, ритамот на натпревари. Но, сега овој императив на Михајловски за четвртфиналето, и нему и на играчите ќе им биде притисок. Но, така и треба да биде кога се работи за европски првак.

Алушовски сам побара посилна група, и заради подобар тест на новиот Вардар и заради подобро вкрстување во осминафиналето, бидејќи нереално е Вардар да биде меѓу најдобрите две екипи во групата, а исто така фијаско би било да биде на последните две позиции. Но, групата е крајно неизвесна и полна со неизвесности и пречки. Реалниот пласман, веројатно и цел, ќе биде од трето до шесто место – по можност избегнување на шестото. 

Сепак, ако ги анализираме седумте ривали, сите имаат исти тренери во споредба со минатата сезона и помалку измени во ростерот од Вардар. Талант, Пастор, Раул, Андерсон добро знаат што и како имаат во тимот, а Алушовски едвај чека да ги види засилувањата на дело. Колку може Вујин, дали Векиќ е вистински избор, ќе бидат ли Хрватите на среден бек лидери, можи ли Французинот Кантегрел да се наметне? Ова се многубројните прашања на кои армијата вардарови фанови чекаат одговори.

Првите веројатно ќе дојдат на Струшкиот турнир, па можеби на завршниот турнир на СЕХА во септември (ако се одржи) и дури потоа Вардар може да се мери со ривалите во Лигата на шампионите. По рецептот на Сергеј, мисијата на Михајло не е невозможна – но дефинитивно е тешка.