Вардар надигран од Кил и пак остана без финале на Супер Глоуб

Прв сериозен тест и прв пораз за „новиот“ Вардар. Европскиот шампион не успеа ниту во вториот свој обид да се избори за финале на неофицијалното Светско клупско првенство во ракомет. Во Саудиска Арабија на популарниот Супер Глоуб турнир, вардарци како и пред две години беа сопрени во полуфиналето, овој на нивниот пат застана германскиот гигант Кил, кој славеше победа од 30-34 (17-19).

Големите ривали одиграа супер-квалитетни први 30 минути, исполнети со многу атрактивни потези, многу промени на водствата, и дури 36 гола. Но, во вториот дел доминираа избраниците на Филип Јиха, кои тотално ги неутрализираа вардарци во офанзивата, а во нападот беа речиси непогрешливи, па на крај заслужено се чекираа во финалето на овој собир. 

Кил го отвори резултатот, но Вардар веднаш возврати, откако Горпишин, како и на вчерашниот натпревар против домаќинот, прв ја затресе противничката мрежа и донесе израмнување на 1-1. 

Двете екипи доста отворено го отворија мечот, во првите пет минути речиси секој напад завршување со погодок, а Зарабец со својот прв погодок за првпат го искачи Кил на +2 разлика (3-5). Сепак, вардарци ги вратија работите на место и со два врзани гола израмнија на 5-5, а подоцна Дисингер распали за 6-6. 

Гедбан немаше решение за расположениете Зарабец и Раинкинг, кои го чуваа водство на Кил, но германскиот интернационалец во редовите на Вардар беше посебно мотивиран против својата поранешна екипа и со нов проектил погоди за 9-9. Потоа по одличната игра во одбраната Горбок погоди празен гол за ново водство на нашиот тим од 10-9, на 15 минути од крајот на првиот дел. 

Вардарци продолжија со одличната игра во дефанзивата, а Гедбан со својата трета интервенција овозможи контра на Чупиќ за прво водство на европскиот шампион од два гола разлика (12-10). Новото име на „црвено-црните“ на линијата за шест метри, Горпишин, повторно покажа дека ќе биде големо засилување во офанзивата и со нов реализиран зицер го одведе Вардар за првпат на +3 (14-11). Но, Германците не дозволија одлепување на противникот и со три брзи гола израмнија на 14-14, по што следуваше минута одмор за Писонеро. Во финишот од првиот дел шпанскиот стратег му даде шанса и на словенечкиот кружен напаѓач Палко, кој со два врзани гола не дозволи поголема предност за Кил, па на полувреме се замина со 17-19 за германскиот тим. 

Вториот дел стартуваше со кикс на Кристопанс во офанзивата и брз гол на Кил за 17-20. Но, летонскиот џин веднаш се коригираше и со бомба од девет метри го даде првиот гол за Вардар во продолжението. 

Избраниците на Писонеро имаа сериозни проблеми во креацијата на нападите, откако Кил уште кон финишот на првото полувреме најде начин како да го неутрализира Сташ Скубе, па по 40 минути игра Германците поведоа со четири гола разлика, највисока до тој момент (20-24).

За проблемите на македонскиот тим да бидат уште поголеми се разбрани Никлас Ландин, кој со неколку интервенции во серија им обезбеди лесни голови на своите соиграчи за веќе убедливи +7 разлика за момците на Јиха (20-27).

Писонеро за само неколку минути повика два тајм-аути, направи неколку рокади во нападот, но речиси ништо не функционираше во неговиот табор, па Кил се искачи на недостижни +9 (20-29). Црната серија која траеше речиси десет минути ја стопира Дибиров со гол од своја позиција, но Кил не попушти во финишот и поведе со двоцифрена предност, која на крај застана на само четири разлика (30-34).

Кај вардарци најпрецизни беа крилата Шишкарев, Чупиќ и Дибиров со по пет постигнати гола. Никлас Ландин беше прогласен за играч на натпреварот, со 12 одбрани, сите во второто полувреме. Дамке со девет и Винчек со пет гола беа најефикасни во победничкиот табор. Македонскиот шампион во борбата за третото место многу веројатно ќе се сретне со Ал Вехда, која денес е тотален аутсајдер во дуелот со Барселона.