• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар го совладаа Прилеп со 39-29 во првото коло на Меѓународниот ракометен турнир во Струга. Натпреварот на на игралиштето крај женската плажа понуди две слични полувремиња во кои фаворитот ја оправда својата улога.
Имаше Вардар контрола во текот на целиот натпревар, иако прилепчани добро отворија и успеваа да парираат. Првото поосетно водство „црвено-црните“ го направија некаде по десет минути игра и дојдоа на 8-3. Противниците не се откажаа и намалија на 9-6, а потоа следуваше вардарова серија од 3-0 (12-6). До полувремето највисокото водство беше седум разлика, но на одмор се замина со 18-13.
Намали Прилеп на стартот на продолжението повторно на „минус три“, меѓутоа Вардар пак одговори со подобра серија и веќе по девет минути игра беше 24-17. Првпат на семафорот стоеше двоцифрено водство во 47. минута од средбата (31-21). До крајот сè беше јасно и немаше изненадувања, па шампионот го отвори турнирот со победа.
Кај Вардар блеснаа голманите кои комбинираа 23 интервенции. Васил Гогов го заврши мечот со 12, додека Милош Валах имаше една помалку. Најдобар стрелец беше Виктор Јанковски со седум гола, исто колку и Андреј Стојановски од Прилеп. Во вардаровиот тим по шест реализации имаа новајлиите Матео Фадуил и Леон Љевар.

