Вардар му даде 44 гола на Мотор и го презеде врвот во СЕХА

Македонскиот и европски ракометен првак Вардар прокнижи нова победа во регионалната СЕХА-лига и на домашен терен во дербито славеше над Мотор Запорожје (44-37).

Триумфот во мечот во кој паднаа многу погодоци го однесе Вардар на врвот во групата во регионалното натпреварување. И Вардар и Мотор играа во комбинирани состави, па очекувано беше овој дуел да го одбележат дури 81 гол. Вардар со победата во Скопје му се одмазди на Мотор за поразот во Украина.

  • Извештај од натпреварот: 

Дуелот почна со брз ракомет и брзи голови на двете страни. Се играше отворено, без одбрани, па во 6. минута од натпреварот резултатот гласеше 4-4. Вардар првпат се одлепи на два гола (8-6), но голманот Билји влезе во ритам, па го врати пак Мотор во игра. Мал хендикеп за Вардар беше и фактот што Дисингер повторно се пожали на болка во ногата, па веќе не влегуваше во игра.

Токму Билји беше виновникот зошто првото полувреме беше изедначено, затоа што забележа девет интервенции, наспроти една на Гедбан и Кугис (Гедбан фати една топка). На пауза Вардар замина со еден гол предност (20-19), а двата гола предност домаќинот ги врати со погодок на Чупиќ од пенал, а потоа, по еден престап на гостите, реализира и Пелко (23-21).

Потоа, следеше и највисоки „плус три“ (26-23) преку Шишкарев, а откако нововлезениот Кизиќ врза две одбрани, следеше нов погодок на Калараш, за 27-23. Мотор во нападот пак не најде решение за Кизиќ, младиот чувар на мрежата фати и трета топка и Шишкарев погоди за 28-23, па тоа беше знак за гостинот да повика тајм-аут.

  • Гол на натпреварот: 

Но и тоа не му помогна на Мотор, затоа што Вардар продолжи да игра во пеколен ритам. Брзите голови беа заштитен знак на „црвено-црните“, пред се преку Дибиров, кој блескаше кога беше најпотребно. Во последните пет минути Вардар влезе со комотни шест гола предност (40-34), доволни за триумф.

Најдобар во составот на Вардар беше Тимур Дибиров со 11 гола, а Чупиќ даде девет, додека Шишкарев беше трето име со седум гола. Кај голманите, Кизиќ имаше пет одбрани, а Гедбан една, додека Кугис заврши без интервенција. Кај Мотор, Стефан Вујовиќ беше убедливо прво име со 12 гола.

  • Потег на натпреварот: 

Во наредното СЕХА-коло Вардар гостува кај Нексе, а исто со гостување се соочува и Мотор, кој во Загреб ќе игра со Пекинг Спорт.