Вардар ќе го задржи тимот, но во новата сезона оди без засилувањата

Иако се предвидуваше црно сценарио на најтрофејниот ракометен колектив, Вардар 1961, тоа нема да се случи. Клубот беше исклучен од Лигата на шампионите по одлука на ЕХФ поради заостанати долгови, па веднаш се предвидуваше најлошото. Сепак, првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, зборуваше за иднината, го најави новиот состав и амбициите. 

Во Вардар ќе останат сите ракометари кои беа планирани за новата сезона, со исклучок на неколкумината кои заминаа по крајот на претходната. Засилувањата нема да пристигнат во Скопје, но костурот на екипата останува ист. Се очекува потврда уште од Тимур Дибиров и Мартин Томовски кои се на годишен одмор и не се во Скопје. 

„Благодарен сум до играчите, на мое задоволство и на сите, целата екипа освен странците кои беа најавени ќе си останат. Треба да разговарам уште со Дибиров и Томовски кои не се тука, се надевам дека и тие ќе останат, а со тоа ќе имаме конкурентна екипа да го освоиме првенството и Купот.

Јас имав лична замисла, да се врати Вардар на нозе, а потоа да се повлечам од клубот. Се обидувам да најдам некој што ќе ме замени мене да го раководи клубот. На играчите им кажав, јас ќе најавам оставка, ама нема да го оставам Вардар. Сакам долговите да се расчистат, заедно со Сергеј, за да нема проблеми и догодина. Испративме писма до 37 компании да бидат спонзори, како и до сите останати кои можат да помогнат. Ќе бидам тука додека се потпишат договори, да се расчистат споровите и така клубот да продолжи со светла иднина. Тоа значи да се игра во Европа, таму ни е местото според квалитет. Иако освојувањето на европски титули е далечно, треба да се бориме секоја година за нокаут фазата. Многу побогати клубови не успевале да го освојат трофејот во ова натпреварување“, изјави првиот човек на клубот.

Михајловски најави дека на Вардар ќе се приклучи Милан Лазаревски, се враќа пивотменот Атанасовски, Додиќ сака да остане, ама чека дозвола од Киелце и ќе се доведе ново лево крило за резерва на Дибиров. 

Составот на Вардар 1961 за сезоната 2022/23:

Голмани: Мартин Томовски, Васил Гогов, Борко Ристовски (тренер на голмани)
Десни крила: Гоце Георгиевски, Ален Ќосевски, Дарко Ѓукиќ
Десни бекови: Куни Моралес, Давид Савревски
Средни бекови: Мартин Карапалевски, Стефан Додиќ (ако му дозволи Киелце), Анте Гаџа
Леви бекови: Филип Талевски, Марко Мишевски
Леви крила: Тимур Дибиров
Кружни напаѓачи: Стојанче Стоилов, Стефан Атанасовски, Милан Лазаревски

Клупата во моментов е резервирана за Владо Недановски, помошник ќе му биде Петрушевски, а тренер на голманите ќе биде Борко Ристовски. 

Вардар ќе се бори во Суперлигата, СЕХА и Купот, па се најавува напад на трофејот и одново обезбедување место во Лигата на шампионите. Сепак, тоа нема да биде лесно, бидејќи Еурофарм Пелистер дополнително се засили и има високи аспирации.