Вардар ќе го пречека Монпелје пред полни трибини во СЦ „Јане Сандански“

Единствен настан кој ќе се одржи со присуство на гледачи овој викенд е натпреварот од последното коло од групната фаза на Лигата на шампионите меѓу Вардар и Монпелје. Европскиот првак во ракомет денес ја донесе одлуката нормално да го организира натпреварот со францускиот претставник.

Соопштението ви го пренесуваме во целост: 

„Ги известуваме сите што купиле билети за натпреварот од Лигата на шампионите меѓу екипите на Вардар и на Монпелје, закажан за в сабота, 29 февруари во СЦ „Јане Сандански", ЌЕ СЕ ИГРА СО ПРИСУСТВО НА ПУБЛИКА.

Одлуката е донесена пред се поради краткиот период за било каква промена, а со оглед на тоа што станува збор за меѓународен натпревар, кој е одамна закажана, а и екипата на Монпелје е веќе пристигната во Скопје.

Препорака е да не се водат мали деца на натпреварот. Натпреварот е закажан за 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански". Безбедноста на натпреварот ќе биде во координација со други наделжни институции“, стои во соопштението.

Овој натпревар е дел од последното 14. коло од групната фаза на Лигата на шампионите. Во моментов на табелата Монпелје е на четвртото место со 15 бода, еден помалку од Киелце.

Традицијата е на страна на Вардар. Во досегашните осум натпревари, „црвено-црните" победиле на шест, еден дуел завршил нерешено, а само еднаш Вардар загуби.