Вардар како на тренинг го совлада Охрид за деветта победа во плеј-офот

Македонскиот ракометен шампион Вардар продолжува сигурно да чекори кон новата титула во домашниот шампионат. По последната овосезонска репрезентативна пауза, вардарци им се вратија на суперлигашките обврски и во првиот натпревар од деветтото коло со убедливи 37-29 (23-12) го совладаа тимот на Охрид, кој пак со овој пораз драстично ги намали шансите за излез во Европа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Охрид:

Избраниците на Раде Стојановиќ играа рамо до рамо со шампионот само во воведните пет минути, а потоа на паркетот доминираа вардарци и уште во првиот дел се изборија за висока позитива, која им обезбеди лесен и мирен завршеток на натпреварот. По почетните 3-3, „црвено-црните“ влегоа во серија и со три брзи гола се одлепија на 6-3, а нивниот налет не застана тука. Одбраната беше на висината на задачата, а тоа им овозможуваше на нападот да постигнува лесни голови, по во 23. минута беше 17-9, а на полувреме се замина со огромни +11 за домашниот тим (23-12).

Настаните на натпреварот не се променија ниту во вторите триесет минути, иако Алушовски шанса им даде и на ракометарите од клупата. Вардар искусно го чуваше водството и во ниту еден момент не дозволи Охрид да му се закани, па на крај заслужено ја впиша својата деветта последнователна победа во плеј-офот. Чупиќ со десет и Јотиќ со шест гола беа најефикасни кај Вардар 1961, а Кривокапиќ со девет погодоци беше единствена светла точка кај охриѓани. 

Во денешната програма од деветтото коло на плеј-офот ќе се одиграат уште три натпревари и тоа и тие во Скопје. Пролет ќе го пречека Еурофарм Пелистер 2, Металург ќе се сретне со Струга, додека вицешампионот Еурофарм Пелистер гостува кај Бутел.