„Вардар ја уништи Барса за десет минути, не е фер...“

Гарсија

Поранешниот ракометар на Барселона и легендата на шпанскиот ракомет, Хуанин Гарсија, зборуваше за тешкиот пораз на екипата на последниот завршен турнир во Келн. Каталонците имаа висока предноста против Вардар, но ја испуштија и на крај загубија од нашиот првак, кој обезбеди ново финале, а потоа и втора европска титула.

Според ветеранот тие кобни десет минути беа ужасни, но не ја уништија цела сезона на Барса, која напорно градеше тим за да ја искачи на врвот на Европа.

„На последниот завршен турнир, шансата за титула на Барса замина по ѓаволите за само десет минути. Вардар одигра фантастично во вториот дел, но не е фер да им се суди на играчите поради тој лош период.

Сите знаеме како функционира клубот и колку е тешко да се освои Лигата на шампионите и, јас инсистирам, десет минути не можат да уништат се што сте направиле во текот на сезоната. Во Европа, на Ф4 турнирот, се натпреварувате против екипи на ваше ниво и можеби подобри. Барса е секогаш еден од најголемите кандидати за освојување на Лигата на шампионите“, вели 42-годишникот.

Прославениот ракометар и денес е активен на ракометните терени, играјќи за екипата на Адемар Леон.