Вардар ја доби Струга и чека епилог од дуелот во Автокоманда

Екипата на Вардар 1961 со победа над Струга (40-26) ја заврши првата фаза од Суперлигата и за да знае од кое место ќе влезе во плеј-офот чека на расплет на настаните во последниот дуел на колото меѓу Алкалоид и ГРК Охрид.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Струга:

Вардарци доминираа цела средба и заслужено дојдоа до планираниот успех. Разликата меѓу двата тима беше евидентна уште од стартот, Вардар предводен од Хориха и Маргели се одлепи на 9-3 и беше полесно да се игра. Како одминуваше мечот, така разликата растеше.

На полувремето во СЦ „Јане Сандански“, резултатот гласеше 19-11 за Вардар, а во вториот дел, тимот се одлепи на двоцифрен плус кога избега на 28-18 и беше полесно да се игра до крајот. Тренерот Милано им даде шанса на сите ракометари кои беа во протоколот и можеа да играат.

Најдобри стрелци кај Вардар беа бековите Хориха и Маргели со по седум гола, а Лазаревски и Родригез погодија по шест пати. Кај стружани се истакнаа Немања Џигероски и Александар Стојков, двајцата дадоа по шест гола.

Сега Вардар чека расплет на дуелот меѓу Алкалоид и ГРК Охрид. „Црвено-црните“ ќе бидат први ако Охрид не загуби во дуелот со избраниците на Кирил Лазаров.