Вардар испрати писмо до ЕХФ и бара мечот со Елверум да не биде одложен

По само еден час откако Вардар потврди дека натпреварот против Елверум е одложен се реши да испрати писмо до ЕХФ во кое бара разбирање од страна на Европската куќа на ракометот и овој натпревар кој беше закажан за в четврток да се одигра.

Причината за одложувањето на натпреварот од второто коло на Лигата на шампионите е поради корона-мерките кои важат во Норвешка, односно доколку ракометарите на Елверум доколку допатуваа во Македонија по враќањето дома ќе мораат да бидат во карантин 14 дена.

Писмото на Вардар кое го испрати до ЕХФ ви го пренесуваме во целост:

„Ја добивме вашата одлука за одложување на натпреварот помеѓу Вардар 1961 и Елверум. Иако минатиот петок не известивте за можноста за одложување на натпреварот, сепак ние сме изненадени од одлуката и мора да забележиме дека оваа одлука е донесена без консултација со Вардар 1961.

Како што е соопштено во официјалната информација, причина за одложување се можните проблеми за повторно влегување во Норвешка поради правилата на норвешката влада за карантин на патник што пристигнува од Македонија.

Не можеме да влијаеме на одлуките на норвешките власти, но треба да забележиме дека секоја влада обезбедува исклучок за спортските тимови. Ние сме на позиција дека Вардар 1961 не бил еднакво третиран, бидејќи ги направивме сите потребни активности за организација на натпреварот, вклучувајќи ги сите стандарди за здравствена безбедност во согласност со упатствата на ЕХФ и на локалната самоуправа, како и изолираната резервација на хотелот само за луѓето од Елверум.

Потсетуваме, СЕХА Ф4 беше организиран со учество на Вардар 1961, на највисоко можно ниво и без никакви проблеми за време на турнирот и по завршувањето на турнирот за која било од учесничките екипи.

Во согласност со протоколите овој натпревар требаше да се игра без гледачи, а дополнително обезбедуваме редовно тестирање пред натпреварот и по натпреварот. Затоа ризикот е минимален и сметаме дека опцијата за играње на натпреварот мора да биде исцрпена. Тоа е редовна пракса во Европската унија патниците кои имаат негативен ПСР тест да не се бара да се стават во карантин.

Одложувањето на натпреварот ќе му донесе повеќе проблеми на Вардар 1961, бидејќи сме пред почеток на СЕХА лигата и ќе се соочиме со проблеми во календарот и со натпреварот со Елеверум. Од друга страна, Елверум имаше опција да го одложи својот натпревар во домашното првенство.

Ние би сакале, доколку е можно, одлуката за одложување да се ревидира и натпреварот да се игра според предвиденото".