• Мартин Танасковски
Екипата на Вардар 1961 ги продолжи европските настапи во Европската лига на ЕХФ. По домашната победа над Сесвете, тимот на Иван Чупиќ гостуваше кај Тулуз во Франција и забележа победа од 28-26, за два од два во вториот ранг на европскиот ракомет.
За малку црвено-црните не направија од готово - вересија. Имаше Вардар игра, во првиот дел делуваше надмоќно, но во вториот дел како целиот тим да доби „кочница“ и го врати Тулуз во игра за победа.
Илустрација за настаните во салата во Тулуз е текот на резултатот. Македонскиот тим отвори одлично, со добра одбрана и ефикасен напад се одлепи на 6-1 и константно имаше водство. Чупиќ го затвори противникот со препознатливата одбрана, главните играчи на Тулуз немаа простор да експериментираат, а Вардар цело време водеше.
Во првиот дел највисокиот плус кој го имаше Вардар беше седум гола. Тоа беше кога тимот се одлепи на 15-8 и ја задржа таа позитива до паузата (18-11). На стартот на вториот дел, Вардар имаше и 21-12, но тогаш следеше „блокот“. Тулуз прво од „минус девет“ намали на „минус пет“ (22-17), а потоа со нова серија дојде и на еден гол негатива (23-22). Оттогаш до крајот следеше драма, а клучните моменти кои дадоа исчекор кон победата беше кога се погоди пенал за 26-24, а потоа по интервенција на Гогов следеа два голови во следните две акции за 28-24.
Најдобар стрелец кај Вардар беше Јака Малус со шест гола, а Дмитро Хориха погоди четири пати. Кај Тулуз, Немања Илиќ даде седум, а Перез Фојхтман имаше пет гола, исто колку и Габриел Ниембо.



