Вардар и пред „Јане Сандански“ ќе продава билети за мечот во ЛШ со Мешков Брест

По завршувањето на продажбата на сезонските билети, македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 започна со индивидуалната продажба, а од клубот информираат дека за дуелот против Мешков Брест во рамки од Лигата на шампионите, билети ќе се продаваат и пред салата „Јане Сандански“.

„Црвено-црните“ утре ги продолжуваат настапите во ракометната елита и ќе го пречекаат стариот познаник Мешков Брест, а билети ќе може да се купат и пред самиот меч, на билетарницата на СЦ „Јане Сандански“. Истата ќе биде отворена во 18:30 часот и ќе работи до почетокот на натпреварот.

Од редовите на Вардар информираат дека пред самиот влез секој гледач покрај билет ќе треба да покаже и: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот ковид-19, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест коронавирус или
сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Средбата е закажана за 22 септември со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.