Вардар и комбиниран убедлив во Радовиш, ќе се бори за Ф4 со Голден Арт

Ракометарите на Вардар на рутина ја минаа првата Куп-пречка и се пласираа во финалето на групата која се игра во Радовиш. Ланскиот освојувач на ова натпреварување славеше против домаќинот на турнирот Радовиш со 21-42 (10-23). 

  •  Комплетниот натпревар меѓу Радовиш и Вардар 1961:

Избраниците на Владо Недановски не оставија ништо на случајност, па иако на терен истрча комбиниран состав, играа и дел од носителите на играта. Уште од стартот вардарци најавија дека се дојдени по победата, па квалитетот почна да излегува на површина. На полувреме гостинот од Скопје веќе водеше со убедливи и двоцифрени 13 разлика. 

Во продолжението и комбинираниот Вардар остана пресилен за Радовиш, го наполни домашниот гол и дојде до убедлива победа. Триумфот на крај беше со највисоката предност од 21 разлика (21-42). 

Прво име во таборот на вардарци беше Мохамед Бахар со девет гола, седум пати погоди Петриќ, а шест Ќосевски. Во домашниот табор со по четири погодоци се истакнаа Стојановски и Митревски. 

Во финалето на групата Вардар ќе се судри со градскиот ривал Голден Арт кој го совлада Пролет.