Вардар и Еурофарм Пелистер ќе „тестираат“ без публика, Алушовски без Кизиќ и Гедбан

Европскиот ракометен шампион Вардар го потврди својот прв контролен натпревар оваа зима, кој воедно ќе биде и деби на новиот тренер Стевче Алушовски. 

<<< ПОВРЗАНО - Најдобрите два тима од Македонија ќе се судрат во Скопје

„Црвено-црните“ пред повеќе од една седмица ги запалија моторите, а по базичните тренинзи дојде време за првиот „тест“. Противник на Вардар ќе биде тимот на Еурофарм Пелистер, кој воедно му е и најголемиот конкурент за титулите во домашните натпреварувања. 

Натпреварот меѓу шампионот и вицешампионот е закажан за в четврток во Скопје, а по барање на екипите истиот ќе биде од затворен тип (без присуство на публика) со цел да имаат можност за испробување на повеќе тактички варијанти.

<<< ПОВРЗАНО - Алушовски: Среќен сум што ќе работам со оваа група на луѓе победници

За оваа средба двете екипи се очекува да бидат комплетни, откако во нивните редови се вратија ракометарите кои имаа репрезентативни обврски. Сепак, Алушовски се соочува со мал проблем, затоа што нема да може да смета на двајца голмани. Калифа Гедбан сè уште е со својата селекција, додека младиот Кизиќ поради настинка не тренира неколку дена. 

<<< ПОВРЗАНО - Бабиќ за Gol.mk: Еурофарм Пелистер нема да носи нови играчи, ќе пратиме сè до јуни!

На другата страна пак, новиот предводник на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, остана без искусното крило Гоце Ојлески, кое се повреди на пријателскиот натпревар против КЛ7 пред два дена.