• Горан Упале
Македонскиот ракомет по пауза од една година се враќа во европската елита. Еурофарм Пелистер како нов шампион во Суперлигата во следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите, но постои можност уште еден македонски тим да добие шанса да се натпреварува со најдобрите на стариот континент.
Алкалоид имаше историска сезона. Во своето деби во Суперлигата стигна до вицешампионското место, а тоа им ги подотвори вратите за влез во Лигата на шампионите. Младиот тим, предводен од Кирил Лазаров, веќе има обезбедено место во групната фаза од Европската лига, но теоретски има право за аплицирање за учество во Лигата на шампионите. Покрај Алкалоид, екипи со вакво право се уште и Монпелје, ПИК Сегед, Висла Плок, Спортинг, Горење, Динамо Букурешт, ППД Загреб, Војводина...
Исто така, ЕХФ дополнително го потврди предлогот дека од следната сезона ќе постои опција, но не и должност, да доделува едно место во Лигата на шампионите со вајлд-карта наместо преку постоечкиот каталог на критериуми.
Меѓу екипите кои што имаат последна шанса за место меѓу најдобрите е и нашиот Вардар. Покрај „црвено-црните“ тука се и Елверум, Бенфика, Нексе, Савехоф, Прешов, Бешикташ...
Сè ќе биде појасно кон крајот на овој месец, додека на почетокот на следниот ќе се изврши ждрепката за групната фаза од Лигата на шампионите.