Вардар гори од желба за одмазда и прва победа над Киелце на полско тло

Македонската ракометна јавност вечерва повторно својот фокус ќе го насочи кон Вардар. Сè уште актуелниот европски шампион по само вторпат оваа сезона ќе врзе два натпревари за седум дена, а за свој противник повторно го има Киелце, тим против кого пред една седмица загуби во Скопје. 

Во рамки од осмото коло на Лигата на шампионите, Вардар гостува кај полскиот шампион, кој оваа сезона игра одлично во европската елита и е лидер на табелата во групата А. Полскиот тим е добро познат за избраниците на Стевче Алушовски, кои вечерва ќе имаат нова шанса да го совладаат големиот ривал на нивни терен. 

На дуелот пред една седмица во „Јане Сандански“, Килеце по пет години пауза го совлада Вардар во Скопје, па сега „црвено-црните“ се желни за идентична одмазда, односно за премиерна победа во домот на полскиот гигант. 

Алекс Душебаев и Игор Карачиќ и на овој дуел ќе бидат водечка сила на Киелце во нападот, а доколку голманот Волф биде расположен како во Скопје, тогаш задачата на вардарци за успех ќе биде многу тешка. Но, нашиот шампион досега многупати знаел да направи чуда на ракометните терени, па зошто да не биде така и вечерва во „Логионов Aрена". 

Дуелот меѓу старите познаници е закажан за од 20:45 часот.