Вардар го среди Загреб за перфектна СЕХА-титула БЕЗ ПОРАЗ!

Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во СЕХА лигата, откако во интересен натпревар го совладаа ППД Загреб со 26-24. Со оваа победа тие му се одмаздија на хрватскиот шампион за поразот на првиот завршен турнир во Скопје пред пет сезони. Македонскиот првак стана и рекордер во СЕХА со четврта титула, па по оние во Загреб, Нови Сад и Брест, ја додаде и оваа од Скопје.

Со двата гола на џинот Кристопанс, Вардар поведе со 1-0 и 2-1, но Загреб брзо израмнуваше. Штербик одбрани двапати, па „црвено-црните“ го искористија тоа и се одлепија на 5-2 преку Циндриќ и Борозан.

Шишкарев имаше шанса да донесе 6-3, ја погоди стативата, но грешката ја исправи во следниот напад и стрелаше во голот на Кастелиц. По грешките на „плинарите“, Вардар стигна и до 7-3, а предноста од четири голови ја одржуваше во текот на целиот прв дел.

Кристопанс го продолжи своето гол шоу и погоди за 10-6, но ППД Загреб не помислуваше да се откаже, па преку разиграните Хорват и Павловиќ се доближи на 11-9. Иако голманите на Загреб имаа само две интервенции, вардарци на неколку пати шутираа покрај голот или во стативата.

По 14-11, хрватскиот тим се доближи на 14-13, а Вардар имаше дваесетина секунди за реализација. Акцијата беше за Македа, но голманот Јовиќ го одбрани неговиот шут, па на пауза се замина со 14-13.

На стартот на вториот дел се вжешти и на теренот и на трибините. Вардар преку Кристопанс стигна до 15-13, но Загреб најави дека нема да бид елесен плен и израмни на 15-15 со головите на Мраковчиќ и Хорват.

По 18-16, Загреб повторно се закани и израмни на 18-18, а при 19-19 имаше шанса и за водство. Хорват ја загуби топката, а Циндриќ и Дибиров казнија за +2. Искусниот Бичаниќ повторно ја врати неизвесноста со голот за 21-20.

Потоа Загреб имаше шанса и за реми, но згрешија па Карачиќ тргна во контра напад. Беше запрен од Шушња, кој доби трето исклучување и црвен картон. Хрватите во Вардар, Карачиќ и Чупиќ донесоа за првпат +4 во мечот во 53. минута. Кога Дибиров погоди за 25-20 веќе беше јасно кој ќе слави. До крајот вардарци само рутински ја задржаа предност и го затворија мечот со конечни 26-24.

Најдобри стрелци во Вардар беа Кристопанс и Циндриќ со по пет голови, а Чупиќ, Дибиров и Борозан запишаа по три. Кај Загреб се истакнаа капитенот Хорват со седум, Равниќ, Бичаниќ и Павловиќ со по три погодоци. За Вардар сега останува да се концентрира на четвртфиналниот двобој од Лигата на шампионите против Кил, како и натпреварите во македонскиот шампионат.