Вардар го реши Целје и закажа македонско финале на турнирот „Крсте Андоновски“!

Ракометарите на Вардар 1961 го добија клучниот меч во групата против Целје со 31-27 (16-11) и се пласираа во финалето на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Пресметката во „Билјанини извори“ понуди израмнето надигрување во првата третина, меѓутоа потоа вардарци се наметнаа, направија разлика и заслужено славеа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Целје:

Стартот на средбата беше израмнет, Вардар го даде првиот гол, а потоа се играше гол за гол и во егал. Целје беше екипата која почесто водеше во првите петнаесетина минути, а тогаш македонскиот тим успеа да дојде до 8-7. Словенечкиот претставник водеше со 10-11 кога почна добрата серија на вардарци. Тие одбранија неколку напади, за полувремето да го завршат со серија од 6-0 и пресврт за 16-11. 

По израмнетиот почеток на второто полувреме Вардар 1961 продолжи онаму каде што застана. Предноста почна да расте, во повеќе наврати беше и седум гола за нашиот претставник. Целје се обиде во завршницата да направи резултатски притисок, меѓутоа немаше квалитет и концентрација за такво нешто. На крајот „црвено-црните“ славеа со четири гола разлика. 

Горига со пет и Крсманчиќ и Срдановиќ со по четири гола беа најефикасни кај Вардар 1961, а Урош Миличевиќ даде девет гола кај Целје. Во натпреварот за трофејот на турнирот во Охрид вардарци ќе се судрат со македонскиот ривал Алкалоид.