Вардар го распарчи Мотор и патува во осминафиналето на ЛШ!

Македонскиот и европски ракометен првак Вардар патува во осминафиналето на Лигата на шампионите благодарение на домашната победа (38-28) над украински Мотор Запорожје, на две кола пред крајот на групната фаза.

Избраниците на Стевче Алушовски собраа сила, ги оставија сите проблеми зад себе во изминатиот период и дојдоа до посакуваниот резултат во ракометната елита. Сега вардарци ги чека борба за подобра позиција на табелата по која ќе биде познат и ривалот во првата нокаут-рунда во Лигата на шампионите.

Дуелот во Скопје почна според планот, со добра 5-1 одбрана и расположен Кизиќ меѓу стативите, домаќинот дојде до предност од 6-2. Нападот немаше промашен шут, а радуваше разноврсната игра во која првите шест гола ги дадоа пет различни ракометари. Главен играч на Мотор беше Маласинскас, кој имаше четири од петте погодоци за гостинот по 15. минути игра (10-5).

Во вториот дел од првото полувреме вардарци како да загубија идеја во нападот, а Мотор тоа добро го искористи. Следеше серија на голови на гостинот, за доближување на 11-10, но по еден тајм-аут на Алушевски ситуацијата се промени. Вардар го врати препознатливиот лик, Кизиќ повторно бранеше на посакуваното ниво, па на пауза се замина со пет гола предност (16-11).

На стартот на второто полувреме се дојде и до седум гола позитива (20-13), па во 40. минута следеа највисоки „плус девет“ (24-15), а Мотор константно бркаше. Украинскиот тим само ја намалуваше разликата, но ниеднаш доволно за да се закани дека може да го изненади фаворизираниот домаќин. Во последните десет минути Вардар со гол на Калараш дојде и до двоцифрена предност (35-25) и мирно го приведе мечот кон крајот. Да се напомене дека Вардар доби црвен картон пред финишот, кога исклучен беше Глеб Калараш поради удар на противник со лакт во лице.

Најдобар кај победникот беше Скубе со осум гола од осум обида, Чупиќ имаше шест, а Дибиров и Горбок запишаа по пет гола. Голманот Кизиќ нанижа 12 интервенции. Кај Мотор, Пухоски даде шест, а Денисов и Маласинскас имаа по пет.

За Вардар ова беше втора победа над Мотор Запорожје во Лигата на шампионите оваа сезона. Во следната рунда „црвено-црните“ ќе гостуваат кај Порто (22 февруари), додека групната фаза се затвора на домашен терен против Монпелје (29 февруари).

Лига на шампиони (М), Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 КилКил 11 8 2 1 348:305 43 18
2 ВеспремВеспрем 11 8 0 3 364:312 52 16
3 МонпелјеМонпелје 1 11 6 1 4 302:298 4 13
4 КиелцеКиелце 1 11 5 2 4 326:308 18 12
5 ПортоПорто 11 4 2 5 310:326 -16 10
6 ВардарВардар 11 4 1 6 309:355 -46 9
7 Мешков БрестМешков Брест 1 11 3 0 8 310:336 -26 6
8 Мотор ЗапорожјеМотор Запорожје 1 11 1 2 8 330:359 -29 4