Вардар го потврди Крсманчиќ: „Ова е значаен чекор во мојата кариера“

Само неколку часа по шпекулациите во јавноста Вардар 1961 го потврди трансферот на Младен Крсманчиќ.

Бековската позиција на „црвено-црните“ во новата сезона ќе биде засилена за уште еден интернационалец. Вардар го договори српскиот интернационалец Младен Крсманчиќ кој во тимот треба да остане најмалку една сезона.

Овој 184 см. висок играч настапува на позицијата среден бек, а доаѓа од Унгарија каде претходните сезони настапуваше во тимот на Чургу. Во својата играчка кариера има настапувано за тимот на Југовиќ, Слога, Железничар, Анаитасуна (Шпанија) и во Чургу (Унгарија)

„Потпишувањето на договор со Вардар претставува значаен чекор во мојата спортска кариера. Овој клуб со својата богата историја и успехoт во освојувањето на ракометната Лига на шампиони за мене го симболизира врвот на професионалниот ракомет. Во претстојната сезона очекувам интензивна работа, посветеност и заеднички напор за освојување на нови титули, а особено се радувам на можноста да придонесам за тимот со моето искуство и енергија на теренот, изјави Крсманчиќ.

Српскиот ракометар треба да се појави на прозивката на клубот во јули кога ќе почнат подготовките за новата сезона.