• Горан Упале
Ракометарите на Вардар 1961 забележаа победа во уште едно дерби во домашниот шампионат, откако пред својата публика со 29-26 го совладаа составот на Охрид, во натпревар полн со многу возбудувања, пресврти и неизвесности.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Охрид:
Охриѓани, кои по перфектните шест кола, во седмото го запишаа првиот пораз од Еурофарм Пелистер, вечерва мотивирано го започнаа дуелот во „Јане Сандански“. Момците на Стевче Алушовски делуваа посигурно и играа поборбено на стартот, а тоа им донесе и водство од три гола разлика (7-10).
Во овој период Орјоникидзе и Пешиќ беа нерешлива енигма за „црвено-црните“, а одличен во организацијата на нападите беше Ловро Јотиќ. Но, искусните вардарци не дозволија серијата на „гладијаторите“ да продолжи, на сцена стапи Фереира, и до крајот на полувремето Вардар направи пресврт и поведе со сигурни 14-11.
Вториот дел Вардар 1961 го започна во грч, а Охрид искусно го искористи тоа, постигна четири брзи гола и поведе со 14-15. Од тој момент на паркетот се водеше голема битка, во која Охрид долго време го имаше водството на својата страна, но во финишот момците на Стоилов покажаа квалитет и карактер и заслужено славеа со 29-26.
За Вардар 1961 се истакна Петриќ со шест гола, а еден помалку постигнаа Срдановиќ и Крсманчиќ. Кај Охрид прв стрелец беше Пешиќ со седум, а пет погодоци имаше Орјоникидзе.