• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 го победија Мелсунген со 25-34 (12-17) и од првото место одат директно во четвртфиналето на Европската лига на ЕХФ. Во одлична атмосфера, пред повеќе од 300 македонски навивачи „црвено-црните“ стигнаа до голема победа и ја исполнија целта. Двократниот европски првак вторпат го победија истиот ривал, па ќе ја скокнат првата нокаут рунда во ова натпреварување и ќе играат директно за место на „фајнал-фор“.
Домашната екипа отвори со гол, меѓутоа тогаш Вардар влезе во одличен ритам и даде шест гола во низа, откако по двапати реализираа Хориха и Малус, а по еднаш Митровиќ и Воркапиќ. Овој развој на настаните го натера Роберто Гарсија Парондо на тајм-аут уште по десет минути игра. Тоа вроди со плод, вардарци врзаа грешка на Хориха и промашувања на Митровиќ и Лазаревски, па ривалот се врати до 4-6. Откако Мелсунген фати целосен приклучок и се врати на 6-7 следуваше прв тајм-аут и за Иван Чупиќ кој ја смени практично цела напаѓачка линија незадоволен од многуте шутеви од неизградени позиции. Иако успеаја Германците да се вратат до егал (7-7), конечно Вардар се разбуди и даде четири гола во низа преку Марчињак, Педро и двапати Боно (7-11). Успеаја „црвено-црните“ да се одржат во позитива до крајот на полувремето, па во последната минута со два гола по двете грешки на Стефансон стигнаа до 12-17 на паузата.
Вториот дел тргна перфектно за вардарци, бидејќи два гола врзаа Лазаревски и Тузолана со интервенција на Валах измеѓу нив (12-19). По нови две домашни грешки, во контра реализира Воркапиќ за максимални 12-20. За Мелсунген се истакна Стефансон со два гола со кои предноста беше намалена. Иако вардарци грешеа во дел од нападите, со реализациите на Воркапиќ и Митровиќ се одржуваа далеку пред ривалот. Важни погодоци постигнаа Тузолана и Боно во тешки моменти, а потоа Гогов успеа да одбрани еден удар по кој минута за совети свика Чупиќ. Хрватот изротира и се обиде пак да го смени системот на игра и тоа резултира со голови на Георгиевски и два на Воркапиќ од седмерци за одново максимални „плус осум“ (20-28). Последните десетина минути беа рутина и формалност за вардарци. Во завршницата немаше простор за никакво изненадување и кам-бек на Германците, па со головите на Јанковски, Воркапиќ, Геогриевски и Педро стигнаа до огромна победа.
Со по шест гола најдобри во вардаровиот табор беа Вукашин Воркапиќ и Жоао Педро, додека пет даде Никола Боно, а кај голманите се истакна Милош Валах со осум интервенции.






