Вардар еднаш загуби во Тулуз, но сега е спремен за прв гостински триумф во Европската лига

Екипата на Вардар имаше успешен старт на новата сезона во Европската лига на ЕХФ. Нашиот најтрофеен ракометен колектив се врати на големата ракометна сцена и групата во второто по ранг натпреварување на ЕХФ ја отвори со убедлива победа над Сесвете во Скопје.

Сега, пред момците на Иван Чупиќ е првиот гостински предизвик и соочување со Тулуз. Францускиот претставник веќе подолго време е при самиот врв во домашниот ракомет, но никако да го направи потребниот чекор за пласман во Лигата на шампионите. Минатата сезона ја заврши на четвртатата позиција, додека оваа ја започна под очекувањата и по седум кола има три победи и дури четири порази. Со пораз тргна и во Европската лига, откако исто така пред својата публика загуби од Кристијанштад (28-30).

Сепак, тоа не треба да опушти и да влијае врз играта на вардарци, кои ќе мора максимално фокусирани да го одиграат целиот натпревар – доколку сакаат уште една победа во групата. Двете екипи досега се сретнале двапати, во четвртфиналето на Купот на победниците на куповите во 1999 година. Тогаш двете екипи славеа на домашен терен, а поуспешен беше македонскиот тим со вкупни 50-46. 

Во групата Ф денес се игра уште еден натпревар меѓу Сесвете и Кристијанштад, кој исто така започнува од 18:45 часот.