„Вардар е најдобриот тим, а Цвијиќ е најдобриот пивот во светот!“

Од таборот на Турингер имаа многу пофалби за играта на Вардар и перфектната прва фаза во Лигата на шампионите. Тренерот Херберт Милер по средбата потенцира дека македонскиот тим заслужено победил, а разликата ја направил на стартот на вториот дел.

„Честитки за Вардар за заслужената победа. Заслужуваат да одат понатаму како првопласирани без ниту еден загубен поен. Мислам дека прикажавме борба онолку колку што можевме. Првиот дел беше изедначен, но веднаш по паузата, направивме многу технички грешки, пет до шест, ја дававме топката диркетно во раце. Игравме со ризик, а Вардар со моќен напад даваше лесни голови. Се обидовме да се бориме и да се вратиме во мечот, но не успеавме. Одушевен сум од овие девет девојки, го дадоа своето најдобро“, изјави Милер.

На крајот, тренерот на германскиот тим по прес-конференцијата накратко искоментира.

„Цвијиќ е најдобриот пивот во светот!“

Збор на прес-конференцијата имаше и голманката Јана Краусе, која истакна дека Вардар е најдобриот ракометен тим во светот.

„Вардар е најдобриот тим во светот, а ние дојдовме да играме со само девет ракометарки. Го дадовме најдоброто од нас, но се надевам дека во наредното коло ќе дојдеме до посакуван резултат и ќе останеме во ЛШ“, изјави Краусе.

Турингер се уште има шанси да оди во наредната фаза од Лигата на шампионите, но за тоа ќе мора да го победи Ларвик во последното коло, во директен дуел за третото место.