• Иван Димовски

Ракометарите на Вардар 1961 го совладаа Алкалоид со 23-25 (9-15) и го освоија трофејот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. Заслужено вардарци го кренаа пехарот, бидејќи одиграа подобро финале од градскиот ривал. На моменти во првиот дел водеа и со осум разлика, а иако Алкалоид пред финишот пријде на гол дефицит, немаше сили за целосен кам-бек.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Вардар 1961:
По почетната размена на по еден гол, вардарци успеаја да врзат серија од 0-4 и поведоа со 1-5. Тоа рано го натера Лазаров на тајм-аут, меѓутоа ниту тоа не вроди со плод. Момците на Недановски успеаја дополнително да ја зголемат предноста која почна да расте. На влезот во последните десет минути од полувремето Вардар имаше осум гола позитива и успеваше да се одржи на дистанца пред градскиот ривал. Се врати Алкалоид најблизу до 9-14, меѓутоа на одмор се замина со шест предност за момците во црно.
Стартот на вториот дел беше израмнет, а потоа Алкалоид успеа да направи мини серија со која ја преполови разликата (12-15). Вардарци успеаја да вратат со три гола во мрежата на Кизиќ и поведе пак со шест разлика, 12-18. Избраниците на Лазаров не се откажаа, продолжија да притискаат и пак се вратија на „минус три“.
На влезот во последните десет минути од мечот Алкалоид успеа да пријде на 20-21. Важен гол за вардарци даде Хориха за два разлика. Успеа Вардар да одбрани уште два напади и со голот на Гоце Георгиевски поведе со 20-24 на четири минути пред крајот. И тогаш Алкалоид не се откажа, но во еден клучен момент на „минус три“ момците на Лазаров се обидоа да одиграат „цепелин“ и погрешија. Во последните две минути се влезе со резултат 21-24. За тимот од Автокоманда погоди Ѓорѓиев, Вардар имаше два плус и напад на минута пред крајот, па точка на победата во брканицата на полето на Алкалоид стави Милан Лазаревски.
Дмитро Хориха беше избран за играч на натпрварот со седум погодоци, а исто толку постигна Никола Костески од Алкалоид. Што се однесува до голманите, Кизиќ во таборот на поразените собра 11 одбрани, додека една помалку имаше Еспиња од Вардар.