Вардар донесе нов кружен напаѓач, младиот Пелко потпиша за европскиот шампион 

За следната сезона Вардар доби ново засилување на позицијата кружен напаѓач, откако денес е договорен трансферот на словенечкиот интернационалец Домен Сикошек Пелко (21). Договорот со него е потпишан на една сезона, со можност истата соработка да продолжи уште две сезони.

За 202 сaнтиметри високиот интернационалец ова ќе биде второ искуство со играње надвор од Словенија. Лани настапуваше во австрискиот клуб Брук. Сикошек Пелко ќе му биде соиграч на Стојанче Стоилов и на Сергеј Горпишин.

„ Младоста е предност за Сикошек Пелко и веруваме дека има предиспозиции да се вклопи во играта и системот на Вардар. Иако не е многу искусен во него препознавме квалитет за кој очекуваме да добие и потврда со настапот во нашиот клуб. Досега се покажало дека многу ракометари што дошле во Вардар потоа брзо напредувале и го потврдиле квалитеот. Со нетрпение го очекуваме почетокот на подготовките и стартот на новата сезона“, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Во кариерата Сикошек Пелко настапуваше во тимот на Брежице каде ја почнува кариерата за младинските категории. Во сезоната 2013/14 првпат е регистриран за сениорскиот тим на Кршко, но настапува за кадетите и за младинците. Две сезони подоцна повторно се враќа во тимот на Брежице и една полусезона настапува за Добова. Од 2016/2017 е дел од тимот на Требње.

Таму не доби соодветна минутажа па реши да замине во странство. Тој е ракометар што е пред вратата на сениорската репрезентација на Словенија. Во 2014 година беше дел од 30-мина што беа на поширокиот список за Летните Олимписки игри.