Вардар договори среден бек, доаѓа Младен Крсманчиќ

Најтрофејниот македонски клуб Вардар 1961 остана без двата средни бека, бидејќи Мартин Карапалевски се пресели во Шпанија, а најавено е и заминување на Косуке Јасухира во Кувајт. 

Според пишувањето на „Balkan Handball“, вардарци пронајдоа една опција за позицијата среден бек. Станува збор за повремениот српски репрезентативец Младен Крсманчиќ кој доаѓа од редовите на унгарси Чургои. 32-годишникот зад себе има солидна интернационална кариера, а последните неколку години играше во клубот кој обично котира на средината од табелата во Унгарија. 

Освен за Чургои, Крсманчиќ има настапи и за шпанска Анаитасуна каде што се задржа две сезони. Својата афирмација ја имаше во српски Југовиќ за кој настапуваше шест сезони, потоа мина три години во Слога Пожега, а беше дел и од Железничар. 

Доколку најавите се исполнат, Крсманчиќ ќе биде петтото вардарово засилување по Ашреф Маргели, Дмитро Горига, Мигуел Пинто и Томче Стојановски.