Вардар добро се познава со ривалите, „енигма“ е само засилениот Алборг

Македонскиот првак Вардар 1961 денес во Елверум ќе ја стартува новата авантура во Лигата на шампионите на ЕХФ. Пресметката во Норвешка, која е закажана од 18:45 часот, ќе биде предизвик за момците на Вујовиќ, кои имаат амбиција без проблем да дојдат до нокаут рундата. 

Покрај Елверум, Вардар има добро познати ривали во групата А. Кил, Мешков Брест, Монпелје, Пик Сегед и ППД Загреб сите се екипи кои гостувале во Скопје, ја почувствувале пеколната атмосфера во СЦ „Јане Сандански“, во претходните изданија на Лигата на шампионите. Од нив, „најстрашен“ е германскиот гигант Кил, кој е главен претендент за врвот во групата. Вардар во изминатите сезони успешно се надигрувал со сите ривали во својата група, но „реновираниот“ тим на Веселин Вујовиќ има задача да се покаже во новата сезона. 

Од сите противници непознаница е само дански Алборг. Изненадувањето од минатиот„ „фајнал-фор“, поразениот тим во финалето сака да го повтори успехот и да дојде чекор подалеку. Засилени со одличниот Арон Палмарсон (кој сепак се повреди и ќе има мала пауза), Данците имаат силни амбиции да го нападнат европскиот врв. Бидејќи досега немаат ниту еден меѓусебен дуел, Вардар и Алборг остануваат „енигма“ едни за други. 

По пресметката во Елверум и задолженијата во Суперлигата, втор ривал на Вардар во Лигата на шампионите ќе биде Мешков Брест во Скопје, а трет токму Алборг кој ќе гостува во СЦ „Јане Сандански“ на 29 септември.