Вардар доби засилување во пресрет на клучните дуели во ЛШ

Вардар 1961 е во проблеми во Лигата на шампионите по пет порази во низа. Делумно проблемите со повреди, но и осцилациите во играта се главна причина за неуспесите екипата на Веселин Вујовиќ во елитното друштво. 

Денес во Суперлигата на Македонија „црвено-црните“ потешко од очекуваното го победија „фенерџијата“ Скопје 2020. Вардарци долго беа во негатива и ризикуваа битолско сценарио, но се кренаа кога беше најважно и победија. 

Дополнителна одлична вест освен победата беше и кам-бекот на голманот Али Сафар. Чуварот на мрежата од Кувајт имаше повреда на ногата, па не беше на располагање на Вујовиќ изминатиот месец. 

Сега веројатно повредата е зад него, тој доби минутажа против Скопје и се очекува да биде добро засилување за одлучувачките натпревари во Лигата на шампионите. За последниот дуел против ПИК Сегед отпадна Борко Ристовски, па нема сомнеж дека враќањето на Сафар може да биде значајно. Во елитното натпреварување Вардар го очекуваат две гостувања, кај Кил и ППД Загреб, а многу веројатно дуелот со „плинарите“ директно ќе одлучува за последниот патник во нокаут рундата.