Вардар доби сериозна конкуренција во трката за голманската желба!

Македонскиот суперлигаш Вардар одигра перфектна прва фаза од новата сезона во Суперлигата. Четата на Иван Чупиќ запиша единаесет победи од исто толку натпревари и од лидерската позиција го започнува вториот круг од лигашкиот дел од домашниот шампионат.

Хрватскиот стратег воведе многу новини во таборот на „црвено-црните“ како на тактички, така и на професионален план, а тоа веднаш вроди со плод. Но, Вардар нема да застане тука и веќе размислува за идните засилувања. Веќе пишувавме за интересот за Никола Портнер, како и за бразилскиот бек Жоао Педро Франциско да Силва. За разлика од членот на Војводина, кој речиси сигурно ќе ги засили редовите на Вардар, ситуацијата со Портнер е посложена.

Портнер со Магдебург има важечки договор до јуни 2027 година, па бундеслигашот не сака да го пушти без обештетување. Наводно, германската екипа ја одбила првата понуда од „црвено-црните“, а во меѓувреме во трката за искусниот чувар на мрежата влезе и унгарскиот гигант ПИК Сегед, кој во Портнер гледа како идеално решение меѓу стативите. 

Вардар моментално на голманската позиција ги има Гогов и Валах, додека Еспиња е надвор од стројот на Иван Чупиќ поради операција.