Вардар четири години без победа во Брест, Мешков фаворит како никогаш досега

Новата сезона во Лигата на шампионите за Вардар ќе започне со патување во Белорусија и гостување кај стариот познаник Мешков Брест.

Како никогаш досега домашните ракометари го имаат товарот да бидат големи фаворити за победата на средба со „црвено-црните“. Причина за тоа е формата во која што игра тимот предводен од Стевче Алушовски кој сè уште не покажува знаци дека во новата сезона ќе биде конкурентен во сите натпреварувања на кои ќе се појави.

Најтежок ќе биде предизвикот во Европа, каде вардарци ќе се обидат да стигнат барем да ја поминат групната фаза. Оваа година пласманот од 3-6 место во групата А ќе се смета за голем успех на двократниот европски првак.

Брест претставува проблематичен град за нашиот претставник во европската елита. На пет гостувања во низа Вардар не знае за победа против Мешков. Последен пат се радувал на победа во 2016 година, кога ги освои бодовите во рамки од СЕХА лигата.

Ланскиот натпревар во салата „Викторија“ донесе убедлив триумф на белорускиот првак. Вардаровите ракометари беа надиграни со убедливи 31-22, иако на пауза заминаа со минимална позитива. Тоа ќе биде мотив плус на денешната средба да одиграат за одмазда.

Натпреварот Мешков Брест - Вардар се игра денес со почеток од 18:45 часот.