Вардар чека расплет: Против кого на Ф4 во СЕХА-лигата?

Македонскиот ракометен првак Вардар успеа да победи во натпреварот против Извиѓач во СЕХА-лигата, но не зависи се од „црвено-црните“ и тие може да не финишираат на првото место.

Патниците на Ф4-турнирот се веќе познати, а покрај Вардар, на завршницата ќе играат ППД Загреб, Нексе и Мешков Брест. Непознато е само кој од која позиција ќе оди понатаму, односно кој со кого ќе вкрсти.

Вардар извојува сигурна победа против фенерџијата и ќе биде прв само ако Загреб „киксне“ дома со Татран Прешов, затоа што ако хрватскиот тим победи во последното коло, подобар е во меѓусебните дуели при ист број на бодови. Во мечевите оваа сезона Вардар победи во Скопје со два гола, додека во Загреб, „плинарите“ победија со три гола разлика.

Многу веројатно е дека на Ф4-турнирот Вардар ќе игра против Нексе, но не е исклучена можноста да се избегне хрватскиот тим, ако Мешков Брест приреди изненадување. Вардар е подобар во меѓусебните дуели со Нексе, па ќе биде втор, ако Нексе успее да ја одбрани предноста од пет гола во првиот меѓусебен меч со Мешков Брест одигран во Белорусија (25-30).

Завршниот Ф4-турнир во регионалното натпреварување се игра во Брест, Белорусија.